Калиопи на европски фестивал во Бања Лука
Калиопи ќе настапи како специјален музички гостин на првото издание на интернационалниот избор на поп изведувачи "Европа пее", кој ќе се одржи од 2 до 6 јули во Бања Лука.
Воедно, таа ќе биде и претседател на стручното жири на изборот на кој ќе се натпреваруваат 12 пејачи од исто толку европски земји. Претставник на Македонија на овој интернационален избор на поп изведувачи ќе биде Тамара Тодевска.
Бања Лука е само дел од Балканскиот музички поход на поп дивата. Започна на крајот на мај на Хрватскиот радиски фестивал во Опатија, продолжи со наградата за најдобар женски изведувач на "Индекси 09" во Сараево, па наградата за најдобра интерпретација на фестивалот "Песна на медитеранот" во Будва.
По Бања Лука, Калиопи патува за Херцег Нови каде што заедно со Наум Петрески во дует ќе ја испее "Рум, дум, дум" на осми јули. Само ден потоа, на 9-ти јули, таа ќе одржи свој концерт во Сараево во состав на вечерите на Баш чаршијата.

















