Анабела: Беше претешко и едноставно невозможно да продолжиме заедно

"У себи твоје име вриштим на сав глас, како да живим када нема више нас, зашто баш мени увек лоше се спрема – више нас нема, више нас нема" - со овие зборови, Анабела, некогаш позната како поубавата половина на Фанки Џи, му се обраќа на поранешниот сопруг Гаги во автобиографската Више нас нема. Анабела и Гаги по 15 години брак и две деца неодамна се разведоа. На почетокот самоуверено тврдеа дека Фанки Џи нема да трпи поради приватните проблеми, сепак, за неполн месец Анабела започна со соло кариера а на нејзино место во групата дојде довчерашната танчерка Марина.
-Беше претешко и едноставно невозможно да продолжиме заедно... Емоциите се испреплетуваа со работата...со еден збор тешко.
Колку соло Анабела ќе се разликува од онаа со додатокот Фанки Џи?
-Па нема многу... Ќе продолжам да пеам емотивни песни, песни кои јас и приватно ги доживувам и песни во кои публиката се пронаоѓа.
Дали беше свесна дека Гаги цели осум месеци ја подготвувал нејзината замена?
-Тоа уште од почетокот беше една чиста приказна помеѓу Гаги и мене. Бевме свесни дека професионалната соработка по разделбата можеби нема да успее, тој ме седна и ми рече: - Јас не сум сигурен дека ќе можеме да продолжиме, затоа ќе ја подготвувам Марина. Доколку ти сепак останеш во Фанки Џи, неа ќе ја претставам како нова пејачка во групата, а ако ти си заминеш, таа ќе те замени. Така и се случи.
Како го прифати фактот дека првата песна што Марина ја препеа беше нејзината омилена Биќе ми тешко?
-Не ми беше тешко, групата Фанки Џи ги задржа сите права на изведување на песните... Марина мораше од некаде да почне, тоа што започна со мојата омилена песна е чиста случајност.
Откако е слободна, во жолтиот печат ја поврзуваа со повеќе мажи од јавниот живот... Премиерно за Бекстејџ, Анабела открива каква е нејзината реакција кога ќе се спомене нова љубов:
-Ааааааа...(се смее) Имам еден другар кој пак има папагал со скршено крило, како последица на лошото однесување на претходните газди со него. Бидејќи е истрауматизиран, кога ќе му пријде некој тој прави вака: Аааааа...(се смее). Бидејќи јас него го доживувам како мое алтер его, ветив дека на секое споменување нова љубов, ќе реагирам така.
Моментално е актуелна по дуетската песна со Миа – 100 ратова. Зошто се одлучи за Миа, кога цела јавност очекуваше дует со Слаѓа, пред се поради истата судбина што ги снајде со браќата Џогани?
-Со Миа имаме заеднички менаџер, па соработката беше логична. Знам дека се очекуваше да направиме дует со Слаѓа, но јас не би сакала да ја исмејувам сопствената тага...бидејќи разводот сепак е една тажна приказна нели?
Што да кажеме на сево ова, освен од се срце да и посакаме на Анабела поскоро да си пронајде сродна душа која ќе ја врати во форма и ќе и помогне да ја преболи замената...
-Аааааааа....
А да... и некој кој конечно ќе го залечи нејзините скршени крила.
Подготви: Марија Петровска

















